октомври 8, 2019

Охрид, 8. октомври 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во Охрид беше промовиран пловниот објект на иднината, патнички катамаран со погон на сончева енергија.

Станува збор за пловило кое нема емисија на штетни гасови, при што нема да влијае негативно на Охридското езеро. Бродот се полни преку вклучување во струја на копно, но и преку соларните панели кои се вградени на покривот на бродот, што овозожува голема автономија на бродот за што поголем радиус на пловидба.

Идејата по Охридското Езеро да плови соларен брод била разговарана со раководителот на секторот за соработка на делегацијата на ЕУ, Никола Бертолини и воведување на линија Охрид – Поградец, рече градоначалникот Константин Георгиески.

– Ние како општина ќе пристапиме уште од оваа пролет со набавка на електрични возила за стар град кои ќе се планирани во буџетот на општината за 2020, се надевам дека ќе можеме да планираме и за некоја следна прилика средства и за соларен брод, рече Георгиески.

Вакви пловила веќе функционираат во Хрватска, потенцира на презентацијата инспекторот од хрватскиот регистар на бродови, Мишо Мацора.

– Бродот ги исполнува сите еколошки стандарди, така што критеримите на УНЕСКО, овде се во целост исполнети што се однесува до емисијата на звук и загадување, подвелече Мацора.

Компанијата iCat неколку години работела на дизајнот и економичноста на катамаранот. Капацитетот му е 54 патници и плус две места за патници со инвалидитет, но може да прими до стотина патници, брзината на движење му е 17 километри на час, а може да помине 200 километри без никакво надополнување што е повеќе од доволно за целодневна пловидба, рече сопственикот на компанијата производител iCat,Томислав Бурада.

– Веќе се испорачани двата брода во тек е изработката на третиот . Во Хрватска веќе се планира цел превоз до обалата да се направи со вакви бродови. Сето тоа не можат да го направат бродарите, мора да има поддршка и од страна на владата, локалната самоуправа и средства од Европски фондови, рече Бурада.

Капетанот на охридската Капетанија Горан Устијаноски истакна дека ваквото пловило би било особено значајно за заштитено подрачје како Охрид, со оглед на тоа што нема никакви штетни последици врз животната средина.

– Пазарот во Македонија е отворен се` зависи од тоа дали ќе има сериозни инвеститори да го направат тоа, дали ќе може државата да најде некаков начин за субвенционирање на ваков тип на пловила, ова е исплатлива инвестиција, потенцира Устијаноски.

Едно вакво пловило чини околу 500.000 евра, а два веќе пловат по водите во Националниот парк „Млет“ во Хрватска. Да се надеваме дека пловилата на иднината кои се безшумни и не ја загадуваат околината ќе ги видиме и на Охридското Езеро. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука