Охрид, 3. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Република Македонија се’ повеќе „мириса“ на уставни измени и избори (по тој или обратен редослед), откако и актуелната власт, но и опозицијата се постојано на терен, се посетуваат градови, фабрики, села, училишта, градинки…
Периодов наназад започнаа постојано да се појавуваат некои подзаборавени ликови и политичари, па ако некој заспал пред 15-тина години и се разбудил денес, скоро ништо нема да му е сменето затоа што во медиумите постојано се Никола Груевски, Зоран Заев, Љубчо Георгиевски… Фали уште Бранко Црвенковски да се појави лично и да имаме комплетно „Враќање во иднината“.
Дали измените во Уставот се само последниот чекор пред изборите со кои партиите ќе се обидат да го сопрат слободниот пад во рејтингот. Дали со тоа ќе успеат да ја спречат оваа надолна спирала или уште повеќе ќе ја забрзаат останува да видиме. Секојдневните скандали од епски размери, недопирливоста на поединци, неказнивоста во секоја област само го продлабочуваат јазот помеѓу граѓаните и „избраните“, а вадењето на некои стари ликови само уште појасно покажува до каде е дојдена работата.
ВМРО-ДПМНЕ денеска од Охрид, градот од каде своевремено ја започнуваше секоја изборна кампања, ќе ја започне кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените!“. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски во видео обраќањето по средбата со пратеничката група вели дека со кампањата воведуваат нов пристап, односно во директен контакт со граѓаните да ги слушнат нивните проблеми и врз основа на тоа потоа да ја подготват програмата за следните парламентарни избори. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива