Охрид, 4. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Охриѓаните Томе Љушев- Шпанец и Љупчо Паункоски ги освоија главните награди на 53. Државен фестивал на непрофесионален филм, кој се одржа во Кинотека на Македонија во Скопје.
На посебна свеченост беа соопштени најдобрите и им се доделија наградите на најдобрите автори и филмови. Во силна конкуренција, нашиот Томе Љушев- Шпанец ја освои Гран при наградата за филмот „Страсна недела-Бигорски манастир“, за кој ја освои и наградата за најдобра режија. Дополнително признание за работата на Љушев се и Златните плакети за камера за филмот „Вевчански карневал“ и за монтажа за филмот „Оф роуд Лада Нива 1.6 ВС Џипијада“.
Охридската вечер на 53. Државен фестивал на непрофесионален филм ја комплетираше Љупчо Паункоски кој освои два златни медали, за репортажата „Селци-Малесија“ и документарниот филм „Киното Охридско Езеро“. Со овој филм, во јуни годинава, Паункоски ја освои и третата награда за документарниот филм на Меѓународниот фестивал во Шумен, Бугарија.
Томе Љушев- Шпанец со наградениот филм „Страсна недела-Бигорски манастир“ и Љупчо Паункоски со „Киното Охридско Езеро“ ќе бидат претставници на Република Македонија на фестивалот UNICA, кој ќе се одржи од 17-ти до 22-ри август 2025 година во Бирминген, Англија. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива