септември 21, 2019

Охрид, 21.  септември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Сончевиот септември направи Охрид да блеска во неговата полна убавина, искапен во прекрасното сонце и привилегија само за охриѓани и гостите кои уживаат во него во, според многумина, најубавиот период од годината за негова посета.

Покрај стандардните и популарни плажи, охридското крајбрежје крие и места кои се потешко достапни, а со тоа и недопрени од модерното време, а сепак автентични и неповторливо убави.

Едно од тие места е секако и манастирот „Пресвета Богородица“ во месноста Заум, кој е лоциран на околу 20 км од Охрид, на источниот брег од Охридското Езеро, во близина на селото Трпејца. По својата убавина овој верски објект важи за еден од најубавите на брегот на Охридското Езеро. Според зачуваниот натпис, црквата е подигната и насликана во 1361 година од страна на Гргур за време на деволскиот епископ Григорие. Најновите истражувања покажуваат дека потекнува од XIII век.

Во септември 2013 година завршија годинешните активности за конзервација на фрескоживописот во црквата. Пред неколку години на црквата која претставува едно од најзначајните поединечно заштитени споменички добра на територијата на Република Македонија и пошироко беа преземени и интервенции за конзервација на кровот и кровната конструкција, а по извршените анализи на стручните екипи на охридскиот Завод и музеј се пристапи кон конзервација на нејзиниот фрескоживопис. Во јуни 2016 година се изврши и свечено осветување на новоизградениот конак, кое го изврши Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во сослужение со надлежниот Митрополит г. Тимотеј и Повардарскиот Митрополит г. Агатангел. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука