Охрид, 5. февруари 2018 (ОХРИДПРЕС) – На пригодна свеченост во Центарот за култура беше доделена Повелбата за најдобра поема „Григор Прличев“, со што започна традиционалната манифестација Прличеви беседи.
Доцент д-р Гордана Стојаноска е добитник на Прличевата награда за нејзината поема „Клучевите“, напишана во 2012 година.
– И оваа наша епоха не е помалку важна од изминатите и ова е време за своевидни народни гении кои вистината умешно ја ткаат меѓу редовите на нивните посланија за идните генерации. Тие се тие кои го обмислуваат новото време, кои ја раскажуваат нашата жива автентичност во современиот свет. За тоа сведочат и ракописите кои се натпреваруваа за престижот да се биде носител на Прличевата ловористика, истакна во поздравното обраќање директорот на Центарот за култура „Григор Прличев“, Стрезо Стаматоски.
Ваквите чествувања се одлична можност повторно да си ветиме дека ќе ја чуваме нашата традиција и дека секој од нас ќе придонесува во подобрата иднина на нашиот народ и нашата земја, истакна претседателката на советот на општина Охрид, Живка Ангелоска.
– Григор Прличев е продолжувач на делото на Св.Климент Охридски и чувар на духовното богатство на нашиот народ. Затоа наградата што се доделува во негова чест, покрај тоа што ги истакнува високите вредности на културата исто така докажува дека македонскиот народ секогаш ќе има креатори и творци коишто ќе го зачуваат нашиот културен код како значаен дел во светската духовна и културна ризница, рече Ангелоска.
Очигледно дека Прличевата награда го стимулира овој жанр и многу едноставен и многу комплексен, од една страна лирски од друга страна наративен, рече претседателката на комисијата, Наташа Аврамоска.
– Добитничката има одбрано тема на внатрешна потрага по упориште или стојалиште од коешто е можно не само да се сведочи туку и да се љуби светот. Иако е доста херметична, таа успева да најде израз од којшто стиховите комуницираат повеќезначно со читателот, вели Аврамоска.
Доц. д-р Гордана Стојаноска подвлече дека е многу сум почетена и како човек и како автор со добивањето на оваа награда.
– Мотивацијата за да се напише поемата во суштина произлезе од онаа состојба во која се наоѓа човекот во модерниот свет којшто е постојано изложен на притисоци, бомбардиран со информации. Поемата се обидува да ги стави на вага сите оние универзални и врвни вредости како што се цврстата вера, безусловната љубов, силната надеж, храброста и желбата да се оди напред. Тоа претставува едно трагање по одговор, дека тие вредности сеуште постојат и дека човештвото и човекот како суштество е сеуште подготвен да се издигне над сето зло кое постои во овој свет, истакна Стојаноска.
Авторката пишува проза и поезија, а единствено што помалку е застапено во нејзиното творештво се расказите. Инаку, „Клучевите“ е нејзина прва издадена поема. Добитник е на светската награда Nosside XXVIIth World Poetry Prize 2011, Калабрија, Италија,на наградата „Владимир Костов“ за краток расказ 2014 (Универзитет „Св.Климент Охридски).
Чествувањата на институциите кои го носат името на Григор Прличев продолжуваат утре, кога навршуваат 125 години од неговата смрт. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес