Скопје, 4. април 2022 (ОХРИДПРЕС) – Заврши караванот за вакцинација против COVID-19 што се реализираше во изминатите две недели. Податоците на Институтот за јавно здравје покажуваат дека речиси 41,2 проценти од вкупното население е вакцинирано со две дози, а само седум проценти со трета (бустер) доза, но со караванот се очекува тој број да се зголеми.
Караванот почна на 21-ви март од Шуто Оризари, а заврши вчера во Струга. Беа посетени 14-тина градски и рурални подрачја низ целата држава. Граѓаните имаа можност да се вакцинираат против COVID-19, но и да се информираат за вакцинацијата и за придобивките од неа.
Според здравствените власти, невакцинираните луѓе имаат поголем ризик од смртен исход од COVID-19 во споредба со оние кои биле вакцинирани и затоа апелираат граѓаните да не ја одложуваат одлуката за вакцинирање.
Покрај караванот за вакцинирање, граѓаните имаат можност да се вакцинираат и во најблиските здравствени домови секој работен ден од 08:00 до 14:00 часот, додека пунктот за вакцинирање во поликлиниката „Букурешт“ во Скопје е отворен до 20:00 часот од понеделник до петок.
Последните бројки за новозаразени што вчера ги објави Министерството за здравство покажуваат дека се регистрирани нови 196 случаи од направени 2.067 тестови. Битката со вирусот во изминатите 24 часа ја изгубило едно лице на 81-годишна возраст од Битола. Активни се 1.985 случаи.
Во изминатиот период рестриктивните мерки постепено се олабавуваат. Учениците од основно образование веќе не носат маски на училиште, а оваа обврска остана само за наставниот кадар. Повеќе не се бара сертификат за вакцинација или прележаност во трговските центри и во отворените делови на угостителските објекти.
Комисијата за заразни болести препорача маските да не бидат задолжителни за учениците во средните училишта и да се дозволи организирање на екскурзии. За овие препораки се чека потврда од Главниот кризен штаб и од Владата. (Крај)
извор: Press24 фото: архива