Скопје, 15. февруари 2015 (ИНПРЕС) – Ќе чуете како Груевски, Мијалков, Јанкуловска, Ставревски директно се мешаат во судската власт, рече лидерот на СДСМ на денешната прес конференција.
– Ќе чуете како шефот на тајната полиција Сашо Мијалков нарачува избор на претседател на Врховниот суд. Како се прават нарачки на судски процеси во кои учествуваат Груевски, Ставревски, Зврлевски, Латас, рече Заев.
Тој го најави разговорот во кој, како што рече, Јанкуловска директно се меша во судската власт заедно со екс министерот за правда Маневски.
Слушнете ги аудио-снимките кои претседателот на СДСМ, Зоран Заев, ги објави на денешната пресконференција.
Со реакција на изнесеното излегоа и од ВМРО-ДПМНЕ.
– Денес Зоран Заев го продолжува своето одработување за странски центри со објавување на креирани материјали, со што се надева дека без поддршка од граѓаните, без програма, проекти и идеи, ќе го донесе на власт. Се разбира, потоа тој е свесен, а очигледно и подготвен да ги исполни очекувањата на неговите шефови од странство. Човекот кој јавно и соопшти на целата македонска јавност дека македонскиот народ треба да ја свитка кичмата, кој по СМС пораки ги информираше другите партиски лидери дека на власт ќе го донесат пријатели од странство и кој на Премиерот најмалку пет пати му потврдил дека креираните материјали му се од странски служби, очекува народот да му верува и да гласа за него на избори, стои во дописот до медиумите.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека човекот кој што јавно говореше дека сите вработувања во Струмица се партиски и испрати порака до граѓаните дека кога ќе дојде на власт сите вработени ќе бидат заменети со членови на СДСМ, со цел памет се надева дека ќе го убеди народот да му даде мнозинска поддршка на избори.
– Со секоја прес конференција Зоран Заев само докажува дека е соработник и инструмент на странски разузнавачки служби, како што самиот тврдеше, раегираат од ВМРО-ДПМНЕ. (Крај)
извор: СДСМ фото: архива