Охрид, 25. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Од денеска започнува вакцинацијата против сезонски грип.
Имунизацијата ќе се одвива секој работен ден од 07:30 до 15:00 часот во епидемиолошките амбуланти на Центарот за јавно здравје во Охрид, Струга и Дебар.
За граѓаните кои спаѓаат во петте ризични категории: лица постари од 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и деца на возраст од 6 месеци до 5 години вакцинацијата е бесплатна. Оние кои се пријавиле на порталот vakcinacija.mk преку SMS порака или на е-mail ќе добијат точен термин за примање на вакцината.
Одговорните информираат дека вакцината е висококвалитетна, четиритипна InfluvacТetra, а производител е Abbot biological од Холандија.
Покрај бесплатната вакцинација, Центарот за јавно здравје Охрид обезбеди и комерцијални вакцини за заштита од сезонски грип од истиот производител. Цената за една доза е 700 денари, а за примање не е потребно претходно закажување.
Според препораките на Светската здравствена организација и Европскиот центар за превенција и контрола на болестите, вакцинирањето е најефикасно средство за спречување на сезонскиот грип и прв и вистински избор за контрола на влијанието на сезонскиот грип врз јавното здравје. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива