Засилени инспекции во пресрет на празниците, најголема контрола на новогодишните пакетчиња
декември 11, 2024

Скопје, 11. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во пресрет на новогодишните и божиќните празници, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) почнува со спроведување на засилени, вонредни контроли кај операторите со храна.

Со цел заштита на здравјето на најмладата популација потрошувачи-децата, акцент со контролите ставен ќе се стави на новогодишните пакетчиња и нивната безбедност.

– Со засилените контроли кај операторите со храна ќе се утврдува исполнетоста на општите и посебните услови за безбедност на храната, акцент ќе се стави на означувањето, особено на трајноста на производите и заштита на потрошувачите од измама, велат од АХВ.

Оттаму апелираат до операторите со храна да бидат одговорни компании и да не се обидуваат да манипулираат со потрошувачите, особено со новогодишните пакетчиња, во збирното пакување подметнувајќи и небезбедни производи, најчесто со поминат рок на употреба, а што граѓаните веќе алармираат до Агенцијата.

– Како одговорна институција апелираме и до граѓаните да бидат одговорни купувачи и храна да купуваат од регистрирани/одобрени објекти кои се под контрола на инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство, велат оттаму.

Секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната, граѓаните можат да ја пријават во Агенцијата, лично, телефонски на бесплатниот телефонски број 0800 3 22 22, или електронски на [email protected]. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука