Охрид, 31. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во петок, 2-ри февруари, во кафе барот „Shilla“ во Охрид ќе се одржи изложба на фотографии во колажна техника насловена „Колатографија“.
Автори сe младата охриѓанка Есма Ќазим – модна дизајнерка во подем, позната во Република Македонија и регионот и египетскиот фотограф Махмуд Сами Рамадан. Значајна улога околу подготовките и логистиката има либанскиот филмски режисер Салма Дајби.
– Махмуд Сами Рамадан е роден на 01.04.1995 година во Александрија, Египет. Од 2015 студира и работи во Охрид. Дипломирал мултимедија и дизајн при Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле” во Охрид. Моментално е на Мастерс студии за кинематографија на Институтот за филм, Филмска академија – Охрид. Член е на фото-клубот „Охрид“ во чии рамки ја имаше својата прва изложба во Македонија во април 2017 година. Есма Ќазим e родена на 26.07.1994 година во Охрид. Дипломирала на Европски Универзитет – Скопје, Факултет за Арт и Дизајн, отсек Моден дизајн. Зад себе веќе има три изложби и три ревии во Скопје, две ревии во Белград и една ревија во Хрватска. Исто така хоби и семејна традиција и е и креирање накит, информираат организаторите.
„Колатографија“ преставува спој на талентот на двајцата артисти и сликовито сведочи за убавината родена од судирот на визуелните уметности. Изложбата ќе биде отворена во 19:00 часот и ќе е поставена три дена како еден во низата квалитетни културни настани организирани во овој концептуален кафе-бар. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива