Скопје/Охрид, 5. април 2022 (ОХРИДПРЕС) – Во периодот од 28-ми март до 3-ти април тестирани се вкупно 14.873 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 8,2% во однос на минатата недела.
Според извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) регистрирани сe 1.602 нови позитивни случаи од 30 градови во државата, со намалување од 5,4% во однос на минатата недела. Процентот на позитивност просечно е 10,2%.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, а најзастапени се лицата над 60 години. Во однос на претходната недела, најголемо зголемување на бројот на заболени се регистрира кај возрасните групи од 0-9 (13,7%) и 10-19 (11,6%).
Во текот на минатата недела со статус „оздравени“ се стекнале 1.706 лица, 4,6% помалку во споредба со минатата недела. Вкупно се пријавени 272 реинфекции, со зголемување од 1,5% во однос на претходната недела. Пријавени се 12 смртни случаи во 8 градови, што е за 45,5% помалку во однос на претходната недела.
Во „Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика“ при ИЈЗ во текот на изминатата недела, е изведен PCR тестот базиран на Single Nucleotide polymorphism со користење на Vir SNiP SARS CoV 2 Spike S371L S373P за детекција на SARS CoV–2 кај 92 позитивни примероци на SARS-CoV-2 од болнички и примероци од пунктовите. Позитивните примероците се одбрани од тестираните позитивни во период од 28-ми март до 2-ри април 2022 година, од следните градови: Скопје, Кавадарци, Тетово, Велес, Охрид и Гевгелија. Во 6 (6,5%) од испитуваните примероци е докажана BA.1 сублинијата на Омикрон. Во 86 (93,5%) од испитуваните примероци е докажана BA.2 сублинијата на Омикрон – позната уште и како „stealth“.
Според извештаите од болниците, моментално се хоспитализирани 71 лица (13,4% помалку во споредба со претходна недела), од нив 27 се на кислородна поддршка.
Опфатот со две дози на вакцина против Covid–19 кај населението над 18 годишна возраст изнесува 58,0%, односно 53,8% кај население над 12 годишна возраст. Опфатот со две дози кај вкупното население изнесува 46,5%. Бројот на аплицирани дози измината недела изнесува вкупно 2.579, од тоа 183 е прва доза, 368 како втора доза и 2.028 аплицирани како трета доза. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива