Стење/Охрид, 10. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Водата ни бега, постојано ни бега. Секој месец се влошува ситуацијата. Ако до пред некое време дрвената платформа беше во вода, сега е сосема на суво, велат жителите на селото Стење кои се сведоци на секојдневното повлекување на водата на Преспанското Езеро.
– Иако со години наназад тлее надеж дека ќе се сочува и ќе се врати стариот сјај на едно од трите најголеми природни езера во земјата, од година во година ситуацијата само се влошува. Ако некогаш езерото било само на чекор од рестораните и уредените плажи, сега крајезерските појаси се обраснати со трева и 100 чекори ги делат посетителите од водата, која е плитка и заматена, порачуваат тие за DW.
Чистата вода со која се „храни“ Охридското Езеро, главно доаѓа од карстните терени на околните планини. Најголем дел од водата доаѓа од повисокото – Преспанско Езеро и преку подземни пукнатини низ планината Галичица, избива на повеќе места во вид на силни извори-врутоци покрај источниот брег. (Крај)
извор: DW фото: DW