Скопје, 12. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Координативното тело формирано за превенција од последиците на новиот COVID-19 вирус денес го одржа третиот координативен состанок.
Покрај Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), Стопанските комори и Асоцијациите за туризам присуствуваа и претставници од министерството за транспорт и врски и пазарната инспекција на Република Македонија со цел координација на сите активности и превенција од новиот COVID-19 вирус, како и предложување на заеднички мерки за справување со ситуацијата до македонската Влада.
На состанокот биле донесени следните заклучоци:
1. Привремено ослободување од придонеси за вработените во туристичкиот сектор во период од 6 месеци, почнувајќи од март 2020 година.
2. Формирање на фонд за ублажување на штетите како резултат на новиот COVID-19 во туристичкиот сектор, обезбеден со пренамена на средствата од програмата на АППТ и Министерството за економија – сектор туризам.
3. Да се обезбеди увид во договорните услови со нискобуџетните авиокомпании и останатите авиопревозници, во однос на обештетување на домашниот туристички сектор.
4. Дополнување на програмите на АППТ и Министерството за економија – сектор туризам за интервенирање при ублажување на последиците од новиот COVID-19 вирус во туристичкиот сектор.
5. Да се стават во мирување побарувањата на ЗАМП во наредните 6 месеци во туристичкиот сектор и угостителството.
6. Дополнување на програмата на Министерството за економија – сектор туризам со обезбедување дополнителни средства и категории на граѓани, односно, стари лица, пензионери и лица со ниски приходи.
7. Прифаќање на предлогот за реформи, измени и дополнување на Законот за туристичка дејност во делот осигурување, со што би се избегнале и ублажиле одредени негативни последици.
8. Хотелите да ги почитуваат препораките за новиот COVID-19 вирус, односно да обезбедат апарати за мерење температура и средства за дезинфеккција.
9. Хотелите кои се во можност да бидат затворени во период од 2 месеци.
10. Олеснување на кредитните линии кои во моментот течат во туристичкиот сектор и угостителството.
Од Координативното тело информираат дека постојано ја следат состојбата во туристичкиот сектор и доколку истата налага состаноците ќе се закажуваат со побрза динамика. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива