Кога за Охрид се зборува секако не треба да се занемари фактот дека Охрид е град од кој започнала учителската и просветителска дејност, град од каде почнала и потоа се проширила писменоста на словенските народи.
Во Охрид од дамната 886 година бил основан Светиклиментовиот универзитет кој е првиот универзитет во Европа. Од тогаш до ден денешен важи за град со чудна моќ, град обвиен со светлина и чистота, град на паметни и учени луѓе. Охрид е град во кој светите Климент и Наум ја продолжиле мисијата на солунските свети браќа Кирил и Методиј просветувајќи над 3.500 ученици кои имале за цел ширење на кирилското писмо и писменоста меѓу словенските народи на север до Балтичко Море и на исток до планината Урал, при таа своја мисија просветувајќи ги: Бугарите, Србите, Црногорците, Чесите, Словаците, Русите, Украинците и другите народи кои имале сличности со славјанскиот јазик.
Од тие дамнешни времиња до ден денешен Охрид важи за главен духовен, просветителски и културен центар на овие простори па и пошироко.
Исто така Охрид е град на учителот и поетот ловороносец Григор Прличев, еден од првите учебникари и најголемиот афирматор на македонските народни умотворби Кузман Шапкарев, македонскиот учител и револуционер Христо Узунов и многу други дејци. Тоа е град со голема просветителска традиција, град кој и во поновата негова историја дал многу еминентни универзитетски професори и академици, доктори на наука, голем број магистри, високо образовани луѓе и секако голем број просветни работници – продолжувачи на најблагородната просветителска дејност.
Оваа богата просветителска историја во Охрид и охридско претставува основа за квалитено образование, чест, но и голема обврска на сите нас охридските просветни работници чесно , посветено , квалитетно и професионално да ја извршуваме својата дејност.
Охрид обврзува на квалитетно образование, а без квалитетен просветен кадар нема квалитетно образование. Токму поради тоа овој мој прв текст ќе го искористам и ќе кажам збор два за мојата перцепција што треба еден современ просветен работник да поседува за да може да одговори на висина на поставените задачи во образованието.
Учителот, наставникот, професорот односно просветниот работник е огледало на воспитно – образовниот процес и модел на позитивно делување за младата популација, која треба правилно да се насочи кон иднината во сите современи сфери и аспекти од животот.
Просветителската дејност е многу специфична професија која бара просветниот работник целосно да биде посветен на својата мисија, да го вложи целокупното свое знаење и умеење во едукацијата и воспитување на младите личности, а воедно и внимателно преку сопствениот пример да ги води кон правилниот пат во градењето на сопствената личност и карактер. Тој треба да покажува дека за да се дојде до посакуваната цел во животот секој мора да помине низ многу тешкотии и сите препреки на патот кон сопствениот успех единствено да ги совладува со вложување на многу труд, учење и работа.
За да го направи тоа, просветниот работник треба да има големо знаење, желба истото да го пренесе на другите и да работи со голема посветеност, трпение, љубов кон децата и професијата.
Квалитетот на еден просветен работник во голема мера произлегува од неговата личност, неговото однесување и генетските предиспозиции за работа со деца.
Толерантниот однос, желбата да се пренесе сопственото знаење врз другите се со цел професионално да се влијае врз личностите на децата кои се во развојна фаза треба да бидат главните атрибути на еден наставник. Преку своето едукативно и воспитно делување врз младата популација, наставникот вградува дел од себе во личностите на младите кои гледано во перспектива се иднината за една држава па и за целото општество.
На крајот да резимирам. Според мене квалитетeн наставник е оној кој ќе направи неговите ученици да го надминат со своите знаења и постигнувања на личен и професионален план.
Само вакви просветни работници ќе изградат правилни личности , полни со трајни знаења, вештини и способност истите да ги имплементираат во пракса во своето идно занимање.
Ако сакаме општеството да оди напред мора да водиме сметка за тоа кој ни ги воспитува и образува нашите децата, зашто децата се нашата иднина. Тие се идните градители на нашето општество.
И затоа треба да подвлечеме една црвена линија и отсечно да кажеме дека за сите залутани во просветата, за сите кои ова занимање го гледаат единствено само како можност за егзистенција не треба да има место во воспитно-образовниот систем на нашата држава.
Нека ни е честит и вековит 8-ми Декември – Патрониот празник на нашиот свет град Охрид, Патронатот на едно од најстарите основни училишта ОУ „Св. Климент Охридски“ и една од најстарите Гимназии со настава на македонски јазик во Македонија ОСУ „Св. Климент Охридски“.
Жаклина Лазаревска, просветен работник
** „046 – За Охрид се зборува“ е проект на Супер радио и OhridPress и истиот има за цел да се сврти вниманието на охридската јавност кон одредени теми. Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата – Супер радио и OhridPress да бидат вистински глас на заедницата и да објават различни мислења, но и начини за подобрување на одредени состојби. Напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат колумнистите. Супер радио и OhridPress се оградуваат од евентуален навредлив речник и конотации, и ги сметаат за непримерни во јавната комуникација.
Во третиот дел од „046 – За Охрид се зборува“, кој ќе трае од декември 2014. година до јануари 2015. година, ќе пишуваат и дебатираат Жаклина Лазаревска, Тони Симоновски и Катерина Климовска.