август 16, 2023

Струга, 16. август 2023 (ОХРИДПРЕС) – Очигледно е дека за вечниот функционер на ДУИ, Рамиз Мерко, не важат никакви закони и правила. Мерко, за кој со години се провлекуваат скандали и нема никаква одговорност, продолжува со неговото незаконско владеење, овој пат при поставувањето на директори, реагираат од партијата Левица.

– Инспекторот Илиевски обзнана дека Рамиз Мерко незаконски поставил директори на основните училишта во селата Велешта, Подгорци, Радолишта, Вевчани и Лабуништа. Исто така, спорно е и поставувањето на директорката во струшкото основно училиште „Браќа Миладиновци“. Иако истата немала лиценца за директор од гимназијата „Ибрахим Темо“, каде предавала албански јазик, веќе една година таа е поставена за директор во ова основно училиште. За ваквите скандалозни одлуки, нема никаков одговор во јавноста од страна на министерот за образование, Јетон Шаќири. Молкот на Шаќири е очекуван, со оглед на фактот дека токму Шаќири е студент на контроверзниот струшки Универзитет, кој е во сопственост на Мерко. Токму Шаќири незаконски станал доцент на Универзитетот на Мерко, па очекувано е дека овој министер не може да спроведе никакви реформи во образованието. Односно, дипломата на Шаќири е признаена во 2017 година, кога веќе тој бил именуван за доцент на струшкиот универзитет – што значи дека тој бил именуван за доцент без признаени докторски студии. Молкот и на Социјалдемократскиот сојуз за ваквото дивеење на нивниот коалиционен партнер ДУИ само потврдува дека СДС е малцински партнер во криминалната Влада, предводена од ДУИ, стои во дописот до медиумите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука