Скопје/Охрид, 8. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Граѓаните на Република Македонија денеска ќе го избираат седмиот по ред претседател на државата и членовите на 11. Парламентарен состав.
Според податоците на Државната изборна комисија (ДИК), право на глас на парламентарни избори имаат 1.815.350 избирачи, а за вториот круг од претседателските избори можат да гласаат 1.814.317 избирачи. Разликата во гласовите е 1.033, поради граѓаните кои во меѓувреме станале полнолетни и тие ќе може да гласаат само за избор на пратеници. На парламентарните избори гласачите ќе можат да избираат меѓу 17 листи на кандидати за пратеници. На листите има 1.755 кандидати, од кои 1.002 мажи и 753 жени.
Гласањето на двојните избори ќе се одвива на 3.480 избирачки места и на секое избирачко место ќе има две гласачки кутии. Но избирачите во текот на денот ќе можат само еднаш да пристапат на гласачкото место и да го остварат избирачкото право. Претходно гласачот ќе биде прашан – дали сака да гласа за претседателските, за парламентарните или за двата изборни процеса?
Вчера, за вториот круг од претседателските и на парламентарните избори веќе гласаа пријавените болни и немоќни лица, а гласање се спроведе и во казнено-поправните, како и установите за вонсемејно згрижување. Гласање во дијаспората се реализира само за вториот круг од претседателските избори, но не и за парламентарните избори, бидејќи немало доволен број пријавени македонски државјани. Во Охрид за гласање се пријавија 68 болни и изнемоштени лиц и оваа бројка е плус од оние 172 лица што беа пријавени за првиот круг од претседателските избори. Овие граѓани своето гласачко право имаа можност да го остварат вчера, во домашни услови.
– Единаесет лица вчера не го искористиле своето гласачко право, од вкупно пријавените 239 избирачи, информираат за Супер радио и OhridPress од Општинската изборна комисија.
За овој изборен циклус променети се локациите на 8 избирачки места на територијата на Општина Охрид:
– ИМ 1271, од МЗ „Билјанини избори“, улица „Мирче Ацев“ број 31, префрлено е во ЈЗУ Општа болница (Модуларна), на улица „Сирма војвода“ број 1.
– ИМ 1260, од приватен објект на улица „Даме Груев“ е префрлено во ОСУ „Св. Климент Охридски“ од Охрид (Гимназија).
– ИМ 1297, од хотел „Бетон“ е префрлено во Основното училиште во селото Долно Коњско.
– ИМ 1281 и 1281/1, се префрлени од приватен објект во населбата „Видобишта“ во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, на улица „Живко Чинго“ број 1.
– ИМ 1283 и 1283/1, се префрлени од приватен објект на улицата „Момчило Јорданоски“ во ОУ „Христо Узунов“, на улица „Питу Гули“ број 128.
– ИМ 1267, е префрлено од МЗ „Железничка“ во приватен објект на улица „Железничка“ број 104 А.
Акредитирани 1.303 домашни и 860 странски набљудувачи ги следат денешните двојни избори. Најмногу, 410 набљудувачи и 14 експерти, има акредитирано Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР. Парламентарното собрание на ОБСЕ има 138 набљудувачи, ад хок комисијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа – 33, Амбасадата на САД во Скопје – 68. Од домашните организации најмногу набљудувачи 752 има Здружението за развој на општествено-социјални иновации „Вејк ап“.
Ангажирани се 85 преведувачи, а текот на изборниот процес и резултатите од него ќе го следат 83 странски новинари и медиумски работници од регионални медиуми, но и од Ројтерс, Асошиетед прес, Ал Џазира, Франс прес.
Заради заштита на избирачкото право на граѓаните, Народниот правобранител денеска ќе презема итни мерки за ефективно постапување од надлежните органи во изборниот процес и другите институции кои се должни да им обезбедат заштита на граѓаните остварување на нивното загарантирано избирачко право. Во канцеларијата на Народниот правобранител од 07:00 до 19:00 часот ќе може да се пријави каква било повреда на избирачкото право на бесплатната телефонска линија 0800 54321. Освен телефонски на бесплатниот број, повреда на избирачкото право граѓаните ќе можат да пријават и лично во главната канцеларија во Скопје, на улица Македонија бр.19. Дежурни канцеларии на Народниот правобранител ќе има и во Струмица на телефонскиот број (034)329-996, во Кичево (045) 228-586, Тетово (044) 344-082, Битола (047) 242-310, Штип (032) 389-701 и во Куманово (031) 431-488. (Крај)
извор: ОхридПрес/DW фото: ОхридПрес