Охрид, 23. декември 2021 (ОХРИДПРЕС) – По периодот на раст, регистрирано минимално намалување на нивото на водата во Охридското Езеро
.
Според денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), водата е на кота од 693,33 м.н.в, што е за еден сантиметар над просечното ниво за декември (693,32 м.н.в) и за 23 сантиметри над дозволениот минимум. Температурата на езерската вода, измерена утрово е 8 степени, што е за 1,2 степени пониска од просекот за овој период од годината.
За речиси една недела водостојот опадна за два сантиметри. Колку за споредба, минатиот декември речиси половина месец езерото беше на еден сантиметар под минимално дозволеното ниво.
Во Охрид денес сончево време со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.
Mаксималната температура во Охрид ќе се искачи до 5. степени.
– Утре и за време на викендот по одделни котлини ќе има појава на магла и значителна ниска облачност. Од недела ќе има зголемување на облачноста со локални врнежи од дожд. Утринските температури насекаде ќе бидат позитивни, информираат од УХМР. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/УХМР