Интересен е фактот дека Охрид е еден од најубавите градови, на Балканот, Европа па и Светот. Многу често седејќи на терасата „Аквариус“ онака лаички ќе речам: Види колку е рајско ова место, Нема поубав град од Охрид. Верувам ова на многумина му се случило тоа.
Е арно ама додека седев со еден пријател од турска националност и како по дифолт ја реков истата реченица ми возврати: Никола, зарем мислиш дека Охрид е навистина најубав град, си бил ли некогаш Истанбул…
(се замислив)
Истанбул сум бил и знам дека впечатокот за тој град беше воодушевувачки од секој аспект. После таа негова реченица продолживме дискусија која на крајот морав да ја завршам дипломатски и да речам… Охрид ми е најубав град бидејќи тој ми е родно место, тој е навикнат на мене и јас на него.
Тоа е друга работа, и токму поради тоа Истанбул и за мене е најубав град, исто како што на дедо ми му е најубаво неговото село каде што е роден.
Но за да биде убав еден град треба да се има услови за функционирање, за дејствување за поврзаност со светот. Да се осврнам на тоа дека денес во одредена мера не можеме нормално да функционираме ќе го дадам следниов пример…
Пред некој ден шетајќи со мојата ќеркичка низ Охридската чаршија имав потреба да отидам на вториот спрат од нашиот ни ТЦ АМАМ. По сите три обиди колку што има пристапи до вториот кат сфатив дека тоа е невозможно да го направам со детска количка бидејќи секаде има скали. Јас успеав да се снајдам но веднаш ми се постави прашањето што е со инвилидизираните лица!
Има и друга работа, самиот трговски центар во најцентарот на градот е скоро половина напуштен и сосема неосветлен. Ако го тргнеме и тој факт, нашиот ни ТЦ АМАМ е целосно отворен, неклиматизиран и освем берберници и пекари нема ништо друго (по некоја парфимерија на приземје). Се прашувам дали низ толку години на никој не му текна овој простор да го покрие, климатизира и осветли, да направи пристап за инвалидизирани лица. Зарем треба неколку генерации да немаат во врнежливо и снежно, па и во жешко време да ги прошетаат своите деца и слично. А замислете овој простор има и историја има АМАМ значи има приказна во себе.
Веднаш ми се врати филмот како малите oхриѓанчиња повеќе време низ трговските центри низ Скопје повеќе се воодушевуваат низ ескалаторите (подвижните скали) отколку низ игротеките. И со право.
Сфатив дека навистина најубав е оној град каде што можеш беспрекорно да функционираш, да можеш да излезеш надвор иако врне снег или е плус 40 степени и да не осетиш ама баш ништо. Но без разлика на било која маана и недостаток за функционирање љубовта кон Охрид е неизмерна и затоа и покрај тоа што Охрид е исти и ние сме исти со нашата љубов кон него па колку и да таа љубов е нелогична!
Никола Митровиќ – Бабе
** „046 – За Охрид се зборува“ е проект на Супер радио и OhridPress и истиот има за цел да се сврти вниманието на охридската јавност кон одредени теми. Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата – Супер радио и OhridPress да бидат вистински глас на заедницата и да објават различни мислења, но и начини за подобрување на одредени состојби. Напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат колумнистите. Супер радио и OhridPress се оградуваат од евентуален навредлив речник и конотации, и ги сметаат за непримерни во јавната комуникација.
Во вториот дел од „046 – За Охрид се зборува“, кој ќе трае од октомври до декември 2014. година, ќе пишуваат и дебатираат Владо Чингоски, Ванчо Костоски и Никола Митровиќ – Бабе.