Охрид, 29. септември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Според информациите на изведувачите, покриениот пливачки базен во Охрид треба да биде завршен за една година, вели во разговор за Радио МОФ Наумче Мојсовски, директор на Агенцијата за млади и спорт (АМС), која е инвеститор на изградбата.
Мојсовски објаснува дека најголемиот проблем во изградбата се случил за време на пандемијата со коронавирусот, кога вели дека бил откажан надзорот на изградбата.
– После имавме проблем со изведувачот, кој за други предмети беше во притвор, кои што не нѐ засегаат нас и на изведувачот за нашата работа, и тука не можевме ништо да направиме. Правниците мои кажаа дека немам основ да го раскинам договорот, со нив да се продолжи и веќе се најде заедничко решение. Тие си најдоа подизведувач кој што ќе ја истера работата, изјави Мојсовски.
Изведеноста на терен, според директорот на АМС е околу 50%, и Мојсовски истакнува дека моментално приоритет е да се затвори надворешниот дел.
– Веќе изѕидано е за корито, трибини се направени, покриен е долниот дел, само треба, има некои делови каде што не е дозатворено, за да нема влијание од надворешни атмосферски влијанија, за да не ни се наруши градбата. Така да, приоритет сега ќе биде да се дозатвори, и зимно време може внатре да се работи без никаков проблем, вели Мојсовски.
Комплетниот разговор со Мојсовски ОВДЕ.
Затворениот базен во Охрид започна да се гради во 2015 година, од страна на фирмата „Бауер БГ“ од Скопје. Првичниот договор предвидуваше овој спортски објект да биде завршен најдоцна до април 2018 година. Но, од тоа ништо. Потоа како следни крајни рокови беа зададени 2020, односно 2021 година…
Затворениот базен во Охрид е проект оставен како ветување за охриѓани веќе неколку децении наназад. Според најавите затворениот пливачки базен ќе биде енергетски ефикасен објект и ќе користи биотермални пумпи што ќе го направат неговото користење во зима далеку поевтино. Покрај двата базени ќе има трибини со капацитет од 500 седишта и посебен простор за новинари и вип ложа, како и помошни простории со спа и велнес центар. (Крај)
извор: Радио МОФ/ОхридПрес фото: ОхридПрес/архива