Скопје, 17. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – Министерството за образование и наука информира дека Владата го усвои Конкурсот за упис на студенти на државните универзитети во земјава.
Оваа година има обезбедени 26 105 места за упис на студенти на државните универзитети и тоа 13 953 места за редовни студенти во државна квота, 8 367 места за редовни студенти со кофинансирање и 3 785 места за вонредни студенти.
Со тоа обезбедени се доволно места за упис на сите заинтересирани матуранти, како и за други лица заинтересирани за студирање на државните универзитети. При утврдување на бројките за упис на студенти се водеше сметка за потребите на пазарот на трудот во Република Македонија, дефицитарноста на струките и расположливите можности за вработување, бројот на студенти за кои се акредитирани факултетите, како и за показателите за интересот на средношколците за упис на одредени факултети изминативе години“, стои во соопштението на ресорното министерство.
Донесена е и одлука за активирање на родовите студии на Филозофскиот факултет на скопскиот универзитет, кои 5 години беа ставени во мирување, како и студиите за Безбедност и евроинтеграциите на Факултетот за безбедност при битолскиот универзитет, кои исто така беа во мирување.
Оваа година, соопштуваат од МОН, согласно барањата, факултетите при Универзитетот “Св Кирил и Методиј” нема да имаат дисперзирани студии.
Годинава за првпат се утврдени и квоти за упис на одредени студиски програми за студенти, чие родителско право го врши само еден родител, кои ќе плаќаат половина од износот на уписнината. (Крај)
извор: МОН фото: архива