Охрид, 8. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Од денес до 14-ти јануари, Културно-информативниот центар „Култура 365“ од Охрид ќе ја спроведе традиционалната манифестација „Недела на книгата“ при што посетителите ќе имаат можност да добијат книга како подарок. Овој пат тоа ќе биде книгата „Се смееме низ разговорите на ѕвездите“ од Маја Мојсова.
– Книгата „Се смееме низ разговорите на ѕвездите” од Маја Мојсова е нејзина петта по ред книга, а второ прозно дело. Книгата од страна на Фондацијата Македоника и УНЕСКО беше наградена за најчитана електронска книга за месец август 2016 година. Во неа се поместени современи раскази, со мистична но и реалистична содржина, избор од творештвото на авторот. Мојсова се стреми кон прикажување на поентата, преку градењето на карактери и нивната взаемна животна игра, информираат организаторите.
Сите заинтересирани љубители на пишаниот збор, примерок од книгата можат да подигнат во просториите на КИЦ „Култура 365“ на улица „Цар Самоил“ број 34 во Охрид, во наведениот период секој ден од 10 до 15 часот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива