Скопје/Охрид, 31. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Стари проблеми на стартот на новата учебна година. Синдикатот, повторно незадоволен, ќе штрајкува предупредувачки.
Наместо радост, првиот училишен ден носи главоболки. Стартот на учебната година за првачињата, но и за останатите ученици во основните и средни училишта, почнува без настава, односно со предупредувачки штрајк. Наставниците и професорите ќе дојдат на работните места, ама настава нема да одржуваат, јави DW.
Основниот мотив за предупредувачкиот штрајк е нискиот социјален статус на вработените во оваа дејност. Повеќемесечните апели и обиди за решение на проблемите на вработените во оваа дејност помеѓу синдикатот и надлежното министерство не вродија со плод:
– Во изминатиот период низ повеќе градови правевме протести на кои го искажувавме овој проблем, но за жал надлежните воопшто не обрнаа внимание на ова и немаа ниту желба за надминување на ваквите состојби. Бараме зголемување на платите, но за жал немаме позитивен одговор од Владата, односно каква било конкретна понуда. Затоа сме приморани да го реализираме овој предупредувачки штрајк, изјави Јаким Неделков, претседател на СОНК, синдикат на образование наука и култура.
Синдикатот бара зголемување на платите за 25%. Штрајкот е предупредувачки, но ако нема решение во текот на септември, ќе прерасне и во генерален.
И додека наставниците остануваат на ставот дека нема да држат настава, министерот за образование ги повика учениците да дојдат во училиштата на првиот училишен ден. Потреба за предупредувачки штрајк според него нема, бидејќи е планирано зголемување на платите. Тој упати апел до раководствата на сите училишта, да се организираат најдобро што можат и да не штрајкуваат, во интерес на децата:
– Апелирам до раководствата на сите училишта да се организираат на најдобар можен начин, бидејќи овие наши деца започнуваат нова етапа во нивниот живот и треба да бидат пречекани на најдобар можан начин. Да не се заплашат кога ќе одат на училуште, туку да одат со љубов на училиште, но исто така сме свесни дека која било мерка, реформа да ја одобриме во рамки на МОН, Владата или Собранието нема да заживее ако немаме поддршка од наставниците, изјави Арбер Адеми, министер за образование.
Но проблемот, според синдикатот, е што понудата на Владата е зголемување на платите од 5%, кое е најавено за сите вработени во администрацијата, е недоволно:
– Не ни понудија ниту процент повеќе од оние 5% што биле предвидени во буџетот. Велат дека немало средства и да се задоволиме со толку. Нивната понуда е да разговараме во текот на септември за креирање на буџетот за 2020 година, односно да се договриме за зголемување наредната година. Нормално дека ја прифативме таа понуда и затоа штрајкот е предупредувачки. Не сме задоволни и ќе преговараме. Но бидејќи ништо не добиваме годинава, тие проценти кои треба да ни ги дадат ќе ги вградиме во 2020 година. Тоа е наше барање. Инаку, реална е математиката за 25% повисоки плати. Тоа ни го должат врз основа на зголемување на минималната плата на национално ниво во последните четири години, реагира Неделков.
Се’ уште не се знае дали и во охридските основни и средни училишта в понеделник ќе се штрајкува. Во повеќето од нив деновиве се одржуваа состаноци. За Супер радио и OhridPress неодамна изјавија дека се’ уште немаат добиено известување како да постапуваат на првиот училишен ден. Од охридскиот огранок на СОНК добиле само информација дека попладнево ќе се одржи состанок, по што ќе се знаат следните чекори.
Синдикатот за образование, наука и култура излезе со најава дека новата учебна година во земјава ќе почне со еднодневен предупредувачки штрајк на просветните работници. Велат најавените 5 проценти за покачување на платите во септември и ланските 5% не ги задоволуваат барањата на наставниците. Тие побараа покачувањето да биде 25%. Досега нема напредок во разговорите меѓу синдикатот и министерството за образование, неприфатливо е барањето за зголемување на платите, а ресорниот министер Арбер Адеми штрајкот го смета како непотребен. (Крај)
извор: DW/ОхридПрес фото: архива