ноември 30, 2021

Охрид, 30. ноември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Од утре на пазарење со торба, во спротивно биоразградлива кеса ќе ве чини 15 денари.

Почнува да важи одлуката за забрана за употреба на пластични кеси, ќе бидат дозволени само биоразградливи кеси, кои ќе се наплаќаат повеќе од седумкратно отколку досега.

Иминатиов период кесите ги плаќавме по денар или два, а во некои маркети беа и бесплатни. Сега граѓаните се во недоумица дали од утре како алтернатива ќе им бидат давани хартиени кеси или ќе треба да се навикнат како во минатото и за пазарење да си понесат торба, но што со оние производи каде алтернативата нема да заврши работа.

Деновиве низ маркетите е забележлива зголемена побарувачка за кеси, па охриѓани покрај оние потребни за пакување на купеното, земале и залихи по 50, па и по 100 кеси.

Од среда во употреба само биоразградливи кеси што ќе се наплаќаат по 15 денари

Граѓаните со кои разговаравме се со поделени ставови околу оваа најнова законска мерка. Дел од нив позитивно се изјаснија и сметаат дека од некаде треба да се почне во заштитата на животната средина, па велат за во продавница ќе носат торба или пак кеса од дома. Други пак со став дека ова ќе биде дополнителен удар по домашниот буџет, а ефектот нема да се постигне.

Од министерството за животна средина велат дека производителите на пластични кеси и понатаму можат да продолжат со работа, но со почитување на пропишаните стандард за биоразградливост, што се воведени уште во претходниот Закон, а пропишани во 2013 година.

Охридските маркети подготвени ја пречекаа мерката и навремено ги известија купувачите за деталите.

– Врз основа на член 10 од законот за управување со пакување и отпад од пакување, почнувајќи од 1-ви декември 2021 година биоразградливите кеси за носење на стока согласно пропишаните стандарди за биоразградливост, а врз основа на став 4 од член 10, на Законот за управување со пакување и отпад од пакување, потрошувачите се обврзани да плаќаат надоместок од 15 денари за парче, сума која ќе се префрла на посебна сметка на министерството, порачаа од „Тамаро“ маркетите.

May be an image of text that says 'TAMARO известуване за новиот закон за кеси! почитувани, врз основа на член 10 од законот за управуване co пакуване отпад од пакуване, почнуваки од ви декември 2021 година: биоразградливите кеси за носеье на стока согласно пропишаните стандарди за биоразградливост, врз основа на став од член 10, на законот за управуване co пакуване отпад од пакуване, потрошувачите CE обврзани да плакаат надоместок од 15 денари за парче, сума koja ke ce префрла на посебна сметка на министерството!'

Како и да е, од утре е забранета употреба на пластични кеси, ќе биде дозволена продажба само на биоразградливи кеси по цена од 15 денари. За средствата од продадените пластични кеси трговците ќе мора да водат евиденција по квартали, а надоместоците ќе треба да ги уплаќаат на посебна сметка на органот за животна средина. Почнувајќи од утре угостителските објекти нема да имаат право да продаваат храна во пластични еднократни пакувања во заштитените природни подрачја. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука