Охрид, 30. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – Од утре започнува да важи времениот режим на сообраќај во летниот период, на државните патишта во Република Македонија, со кој се забранува движење на тешки товарни возила чија вкупна маса преминува 15 тони за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, информираат од АМСМ.
Временските интервали се : петок од 17.00 до 22.00 часот, сабота од 09.00 до 18.00 часот и недела од 09.00 до 22.00 часот.
Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Покрај тоа, до 1-ви септември ќе се применува времениот режим на сообраќај на магистрален пат А2 делница: Скопје-Охрид-Скопје со кој се забранува движење на тешки товарни возила чија вкупна маса преминува 7,5 тони. Временските интервали се : петок од 15.00-22.00 часот, сабота 07.00-12.00 часот и 18.00-24.00, и недела 07.00-22.00 часот.
Посебен сообраќаен режим што се воведува секое лето е во насока на избегнување на застој во сообраќајот на патната делница кон најпосетуваното туристичко место во Република Македонија, намалување на застоите на пунктовите за наплата на патна такса и воопшто побрз проток на возилата и непречено движење на туристите. Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат живи животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока. (Крај)
извор: АМСМ фото: архива