Будимпешта, 31. октомври 2014 (ОХРИДПРЕС) – Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека го повлекува предлог законот за данок на интернет.
– Данокот на интернет не може да биде наметнат во сегашната форма, рече тој во интервју за државното радио.
Според критичарите, повлекувањето на законот е последниот чекор на премиерот да ги смири протестите во земјата. Спорниот закон претходно натера десетици илјади демонстранти да излезат на улица во знак на протест.
Според Орбан, законот треба да биде корегиран, а во јануари ќе се одржи „национална дискусија“ за интернетот и даноците.
– Мојот проблем не е дека луѓето се противат на данокот. Овде луѓето се сомневаат во образложението на законот. Ништо не може да биде наметнато под овие услови. Оваа дебата излезе од нормален колосек, рече тој, додавајќи дека владата гледа на данокот како на „техничко прашање“.
Предложениот данок, кој беше критикуван и од ЕУ, ќе биде ограничен на 700 форинти (2,30 евра) месечно. (Крај)
извор: АФП фото: архива