Охрид, 14. декември 2021 (ОХРИДПРЕС) – По алармантната состојба во која се наоѓаше на крајот на ноември, кога нивото три дена беше на минимално дозволеното, Охридското Езеро сега е над просекот за овој период од годината.
Според денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), водата е на кота од 693,33 м.н.в, што е за еден сантиметар над просечното ниво за декември (693,32 м.н.в) и за 23 сантиметри над дозволениот минимум. Температурата на езерската вода, измерена утрово е 8,5 степени, што е за 0,7 степени пониска од просекот за овој период од годината.
Врнежите од дожд и снег си го направија своето, па за повеќе од две недели езерскиот водостој се покачи за 23 сантиметри. За разлика од годинава, минатиот декември речиси половина месец езерото беше на еден сантиметар под минимално дозволеното ниво.
Во Охрид денес променливо облачно и студено време со повремени сончеви периоди.
Mаксималната температура во Охрид ќе се искачи до 5. степени.
– Следува период на умерено до значително облачно и студено време, со умерен до засилен северен ветер, информираат од УХМР. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/УХМР