Охрид, 18. јануари 2022 (ОХРИДПРЕС) – Водостојот на Охридското Езеро е на два сантиметри под просекот за овој период од годината (693,38 м.н.в).
Според денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), водата е на кота од 693,36 м.н.в, што е за 26 сантиметри над дозволениот минимум (693,10 м.н.в). Температурата на езерската вода измерена утрово е во рамки на просекот и изнесува 7. степени.
Засега може да се каже дека езерото е во „добра кондиција“. Колку за споредба минатиот јануари езерото беше и до 23 сантиметри под месечниот просек.
Во Охрид денес сончево време со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Максималната температура во Охрид ќе се искачи до 6. степени.
– До четврток времето ќе биде стабилно и суво, денес со засилен северен ветер, а во следните два дена со ниски утрински температури. Влажен бран со врнежи од снег се очекува во четврток во ноќните часови и во петок претпладне. Пообилни врнежи се очекуваат во западните делови, каде насекаде ќе се формира снежна покривка, а на планините ќе се зголеми. Помала снежна покривка ќе се формира и во останатите делови, освен во централниот и долниот дел на Повардарието. Потоа следува период на многу студено време, информираат од УХМР. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/УХМР