Охрид, 19. ноември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Нивото на Охридското Езеро дојде на само еден сантиметар над минимално дозволената кота (693,10 м.н.в).
Според денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), водата е на кота од 693,11 м.н.в, што е за 15 сантиметри под просечното ниво за овој месец (693,26 м.н.в).
На оваа кота езерото беше на почетокот од месецот, потоа порасна на 693,13 м.н.в, за повторно да се намали за два сантиметри. Билјанините извори, една од најпрепознатливите локации во градот под Самуиловата тврдина, пак веќе втор месец се без вода. Врнежи од дожд метероролозите најавуваат за почетокот на следната недела со што се очекува благо подобрување на хидролошката состојба.
Алармантната состојба во која се наоѓа Охридското Езеро, идентична како сегашната, ни се повторува по една година. Ваков случај имавме и минатиот ноември, кога водостојот „падна“ и на 693,10 м.н.в, а речиси пола декември беше на еден сантиметар под минимално дозволеното ниво.
Ноември 2020 година
Ноември 2021 година
Во 2017 година езерското ниво се соочуваше со ваква слична состојба на низок водостој, за во 2018 година состојбата да биде дијаметрално спротивна, водостојот на езерото беше драстично повисок од дозволениот максиум (693,75 м.н.в.) кога достигна ниво и од 694,03 м.н.в.
Во Охрид денес умерено до значително облачно време со повремени сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Mаксималната температура во Охрид ќе се искачи до 12. степени.
– До недела ќе се задржи стабилно време, денес и утре ќе дува умерен до засилен северен ветер и ќе има намалување на облачноста. Во почетокот на следната седмица се очекуваат врнежи од дожд со умерен интензитет, информираат од УХМР. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/УХМР