септември 27, 2019

Охрид, 27. септември 2019 (ОХРИДПРЕС) – По пауза од 5-6 години ќе има претставници од Охрид на престижниот Саем за туризам што од 3-ти до 5-ти октомври ќе се одржи во Нови Сад.

Драган Пајиќ, раководител на службата за оценка на квалитетот на Новосадскиот саем потенцира дека веќе неколку години слаб е одзивот на луѓе од Македонија за учество на овој саем со долга традиција.

– Новосадскиот има традиција од 96 години, а веќе 52 години е дел од „Лорист“ што подразбира и саеми за лов, риболов, екологија и спорт. Еден значаен сегмент на саемот е оценката на квалитетот во делот на турситичко угостителските објекти и услуги. Се работи за меѓународни оценувачи, експерти, академици, професори од високи угостителски школи од Австрија, Словенија, Хрватска, од поранешните YU републики. Учесници има од Австрија, Црна Гора, Хрватска, Грција и други. Големо задоволство за нас е што ќе имаме конечно и учесници на оценка на квалитетот од Македонија, поточно од Охрид. Сега по подолга пауза се надевам дека ќе земат и некое големо признание, истакна Пајиќ.

Тој додава дека во Србија 90% од луѓето, кога ќе се рече Македонија, прво знаат за Охрид и Скопје, а другите места им се непознати, па тука државата треба да се насочи повеќе кон промоција на Македонија во Србија.

Во однос на актуелната состојба со отстранувањето на платформите на угостителските објекти Пајиќ изрази надеж дека локалната самоуправа, угостителите и граѓаните ќе најдат компромис.

– Мислам дека угостителите, хотелиерите и останатите туристички работници ќе се прилагодат на законот, ќе го спроведат и ќе ги прилагодат објектите на туризмот и дека сето тоа ќе биде убаво како што било.
Не мислам дека нема да се постигне ништо со рушење, ако законот важи тогаш сите мора да бидат еднакви пред него, само така ќе може локалната и угостителите да имаат еднакви аршини, рече Пајиќ. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука