Скопје/Охрид, 21. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – По речиси 8 години охриѓани гледаат дека СДС имале пратеник од Охрид по име Лазе Танески кој дури сега смогна храброст и се појави на комична прес-конференција. СДС и Танески бесцелно ги напаѓаат градоначалникот Кирил Пецаков и ВМРО-ДПМНЕ кои имаат трипати повеќе доверба од охриѓани за разлика од нив, порача на денешната прес конференција Лидија Петкоска, пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
– СДС и Танески се служат со конструкции и лаги мислејќи дека можат да направат дефокусирање од нивната неспособност и криминал. Охриѓани да, навистина чекаат одговор, но нив ги интересира каква е состојбата со фамилијарното стебло на пратеникот Танески? Ќерката е вработена докторка и како најдобра и најзаслужна добила инстант специјализација, а зетот за ќерка е вработен во контрола на летање веднаш после назначувањето на Лаки за претседател на ОО СДС. Дали партиската определба и фамилијарната поврзаност се основен услов за вработување за СДС и кланот Танески? Охриѓани чекаат и одговор дали е вистина дека блиска фирма до кланот Танески и зетот има камиони во РЕК Битола и дали е тој директно вклучен? Охриѓани се прашуваат како Танески стана главен хотелиер молејќи по вратите на локалната самоуправа во време од ВМРО-ДПМНЕ за одобрение за градба на хотелот, каде подоцна со предмет во градежниот инспекторат, базенот и другите помошни објекти се прогласени за дивоградба и не исполнуваат услови за легализација. Токму затоа пратеникот Лазе гласаше за Законот за легализација и ревносно го промовира истиот иако е против препораките на УНЕСКО за кои наводно се изборил тој и СДС, порача Петкоска.
Таа истакна дена охриѓани сакаат да знаат дали кланот Танески има возен парк од преку 200.000 евра и три СУВ возила ауди и кој му ги плати?
– Затоа и ја повикуваме ДКСК да го испита возниот парк на чие име се води, затоа што во анкетниот лист како пријавен во ДКСК како пратеник, возилата не се пријавени во него! Дали е на повидок нов „Артан Груби“ случај од редовите на СДС? Дали е вистина дека вработените преку Синдикат на РЕК Битола и ЕЛЕМ (сега ЕСМ) летуваат во хотелот Лаки редовно и зошто токму тој хотел е избран од целата охридска ривиера? СДС и Танески како централна власт немаат ништо сработено за Охрид и никако не можат да се помират дека градоначалникот Пецаков и ВМРО-ДПМНЕ како локална власт градат и работат домаќински. Танески и неговиот клан нека си погледне во неговата партија колку нивните функционери се поврзуваат со криминални афери на дневна основа и да дадат одговори на многу прашања. Овие се работите кои ги интересираат охриѓани и очекуваат одговори! Патувањата на СДС и Танески конечно ќе завршат на избори! Таков силен одговор ќе добијат од граѓаните каков што не може ни да замислат, напомена Лидија Петкоска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива