Охрид, 23. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Поемата „Клучевите“ доставена под шифра „Таурус“ е избрана за најдобра на конкурсот за престижната награда „Григор Прличев“ што секоја година Општина Охрид ја доделува во чест на големиот охридски поет и преродбеник.
„Клучевите“ е избрана за најдобра во конкуренција од тринаесет ракописи што ги исполнувале бараните критериуми на конкурсот, а во потесен избор биле и авторските дела „Будењето на Крали Марко“ под шифра „Ѕевгар“ и „Ветровите од Запад“ под шифра „Носталгија“.
Во соопштението на Комисијата задолежена за избор се истакнува дека „Клучевите“ е избрана за најдобра по пат на прегласување заради иновативниот тематски заграб, суптилноста во приодот кон темата на духовното будење и отворање кон светот, односно кон акцијата и ангажираноста во светот.
– Лириричноста на изразот ја надополнува неговата духовна зрелост и во процесот на одвивањето на поемата ја откриваме стаменоста на ова суптилно огласување и длабоката проживеаност на соопштеното духовно искуство. Клучевите, како што е и именувана поемата, функционираат на повеќе нивоа, отркивајќи семантички значења кои вешто комуницираат со читателот. Клучевите, како што е и именувана поемата, функционираат на повеќе нивоа, отркивајќи семантички значења кои вешто комуницираат со читателот. Низ приказот на мачниот и трновит пат на духовното будење прикажана е алхемијата на душата којашто конечно во себе ја открива и вербата и доблеста вистински да се биде во светот и да се делува во него. Формалните обележја на поемата, метриката, врзаната строфа коишто претставуваат дополнителен предизвик и ги искушуваат можностите на поетскиот израз, а можат да прозвучат и традиционално денес, овде се умешно исползувани и реализирани како современ и актуелен поетски израз кој говорејќи за поединецот воедно проговорува и за заедницата во која што тој опстојува и за предизвиците што таа ги поставува пред него, стои во образложението на одлуката на комисијата.
Наградата на лауреатот ќе му биде врачена на манифестацијата „Прличеви беседи“ што се одржува по повод годишнината од денот на упокојувањето на македонскиот книжевен великан, преродбеникот Григор Прличев. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива