Охрид, 16. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Утринските снимки на NASA FIRMS од пожарот на планината Галичица кој трае веќе неколку дена покажуваат дека истиот се’ уште зафаќа голем регион, но дека е намален во однос на претходните денови.
Охриѓани деновиве можеа и да го видат пожарот од центарот на градот, а облакот чад и понатаму е видлив од повеќе локации. Слична беше состојбата и утрово. Последната сателитска снимка е од 07:09 часот утрово.
Системот за информации за пожари и управување со ресурсите NASA FIRMS редовно ги објавува најновите податоци за пожарите ширум светот, скоро во реално време.
Во меѓувреме, четири нови шумски пожари избувнаа во Република Македонија во текот на попладневните часови вчера, од кои еден на планината Галичица во правец на селата Лескоец и Стење, информираа од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
– Нов пожар кај Ресен и Охрид, на Галичица, на исток во правец на селата Лескоец и Стење, општина Ресен, додека на Охридска територија на запад кон месноста Војтино и на север кон планинарска куќа. Попладнево дејствуваа 1 хеликоптер на МВР на ресенска страна и три авиони „Ер трактори“ на ДЗС и Германија на охридска страна. Вкупно 120 лица: ДЗС, ТППЕ, НП, Планинска спасителна служба, доброволци и други лица. Гори нискостеблеста вегетација и букова шума, додаваат од ЦУК. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/архива/FIRMS