март 15, 2020

Струга, 15. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Струшките села Лабуништа, Подгoрци, Боровец, Октиси и Јабланица од синоќа се под посебни мерки, односно полицијата ќе врши зачестено легитимирање, бидејќи жителите не ги почитувале препораките за самоизолација.

Поради добиени сознанија за непочитување на препораките за самоизолација во период од 14 дена на лицата кои доаѓаат од високоризичните земји, месните заедници на пет струшки села на зеднички состанок, со претставници на МВР од овој регион, решиле да се преземат посебни мерки.

– Полициските службеници во претстојниот период засилено ќе вршат утврдување на идентитет низ улиците во селата Лабуништа, Подгорци, Боровец, Октиси и Јабланица. Доколку се констатира дека лицата не се придржувале до препораките, може да се соочат со кривична одговорност, односно со затворска казна до една година, се вели во заклучоците.

Месните заедници на петте струшки села бараат разбирање од населението и укажуваат дека мерките кои ќе се преземат се со цел да се превенира ширење на вирусот КОВИД 19. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука