февруари 1, 2022

Скопје/Охрид, 1. февруари 2022 (ОХРИДПРЕС) – Јапонски експерти утре ќе одржат предавање на тема „Балансирање на зачувување на животната средина и регионална/туристичка промоција на Охридското Езеро преку соодветно управување со местата на светското наследство“.

Организатори се Амбасадата на Јапонија во Скопје и Амбасадата на Јапонија во Тирана, заедно со „Џајка Алумни – Мак-Јамс“.

– Професорот Јамасаки Масафуми и Ичики Шигеказу ќе го споделат своето знаење за јапонските искуства на овие теми со учесниците на предавањето за Охридското Езеро. Воведен збор ќе имаат Амбасадорот Савада од амбасадата во Скопје и Амбасадорот Такада од амбасадата во Тирана. Предавањето ќе опфати искуства за зачувување на водата на езерото Бива во префектурата Шига во Јапонија, езеро старо над 4 милиони години, проценето како 13-то најстаро езеро во светот. И Охридското и езерото Бива се заштитени со закон и се на листата на светско наследство на УНЕСКО. Настанот ќе го модерира проф. Ташко Ризов од Машински Факултет-Скопје и претседател на Мак-јамс, информираат организаторите.

Јапонија континуирано го поддржува развојот на капацитетите на македонските институции за третман на водите и животната средина преку програмите на ЏАЈКА (JICA). Во 2017 година Музејот на езерото Бива од Јапонија и Хидробиолошкиот институт од Охрид започнаа меѓусебна официјална соработка за двете езера.

Предавањето ќе се одржи од 09:45 часот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука