јануари 15, 2018

Охрид, 15. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – На 18-ти јануари 2018 година, во 19:00 часот, во очи на големиот празник Богојавление, градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски во Куќата на Уранија на МАНУ ќе ја врачи Светската награда за хуманизам на годинешниот добитник Жан Патрик Конрад, професор на Империјал колеџ од Лондон и Претседател на Европската академија на Науките уметностите и книжевностите.

– На свеченото доделување на наградата, покрај другите гости од земјава и странство, ќе присуствува и претседателот на Светската организација за социјална интеграција, Фредерик Фапани фон Лотринген, кој во својство на претставник на фондацијата Ротшилд ќе ја оствари својата прва официјална посета на Република Македонија. По тој повод, интернет ревијата на Светската организација за социјална интеграција објави ексклузивна презентација на Охрид и Македонија, како светска престолнина на хуманизмот, кој уште од времето на Св. Климент Охридски, како ученик на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј, заштитници на Европа, ја формирал првата средновековна европска школа на хуманизмот, информираат организаторите.

Наградата се доделува по 12-ти пат. Истата постигна светско реноме со голем број на легендарни имиња на светската култура, како што се нобеловците Александр Солжењицин (Русија), Херта Милер (Германија), кон кои се приклучуваат и Рави Шанкар (Индија), Мануел Де Оливеира (Португалија), Питер Брук (Велика Британија).

Добитникот на Светската награда за хуманизам од Бугарија, академик Светлин Русев изработи скулптура инспирирана од ликот на Св. Климент Охридски и предложи до советот на Општина Охрид да биде поставено на локацијата кај Долна Порта како спомен обележје со кое Охрид ќе биде прогласен за центар на светскиот хуманизам. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука