Охрид, 25. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во сабота, 28-ми октомври, во Охрид гостува Битолскиот народен театар со претставата „Последната ноќ“ од Ингмар Вилквист, во режија на Андреј Цветаноски, со Соња Михајлова и Марјан Ѓорѓиевски во главните улоги.
– Оваа претстава е обид да се покаже што прави надворешниот свет врз домот на едно семејство, како домот се растура под стегите на тоа што се случува надвор. Една фамилијарна приказна која е фантастично напишана и иако е драма за двајца, сепак зборува за историјата на човештвото, едно парче живот во кој се случуваат големи потреси во надворешниот свет, а со тоа и во нивниот изолиран внатрешен свет. Психолошка драма, која ги напаѓа сите сетила и емоции. Нешто што ги разрушува и уништува сите тие работи што семејството ги гради. Приказна што зборува за поинакво семејство, понижувано смејство, кое успева до таа ноќ да го одржи својот мал, но значаен свет, вели режисерот Цветановски.
Претставата ќе биде со почеток во 20:00 часот, а билетите во ограничен број по цена од 150 денари се веќе пуштени во продажба на билетарата во Центарот за култура. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива