јуни 26, 2023

Охрид, 26. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Кога оние кои треба да бидат во служба на народот и на граѓанинот почнуваат да си поигруваат со човековото достоинство, тогаш е дојдено сериозно време да се замисли човек – кому ли охриѓани му поклонаа доверба во октомври 2021 година, прашуваат преку допис до медиумите од ОО на СДСМ од Охрид.

– И не треба да бидеш ни специјалист во одредена област ни професионалец за да сфатиш и расудиш какви игри надлежните локалци од ДПМНЕ играат со охриѓани. Покрај тоа што народот плаќа поскапи комуналии, поскапи услуги од ѓубретарина – а живееме во град кој е нечист и несреден, поскапи услуги за паркинг – а дочекавме и на прописни паркинг места да ни бидат отстранети возилата, покрај тоа што газиме во ископини и прашина по несредени улички да не можеме дворовите да си ги дочистиме, дојде ред и да не може човек достоинствено да си го обезбеди вечното почивалиште. Откако ЈП „Градски гробишта“ Охрид уште претходно речиси за 100% ги покачи цените на гробните места во христијанскиот и во муслиманскиот дел, со што гробните места во Охрид се најскапи во Македонија и ја покачија и на цената за одржување на гробните места, менаџерскиот тим на ова претпријатие не најде за згодно и време и покрај ударот што му го зададе на џебот на граѓанинот, бар да одржува ред и хигиена на просторот. За што ли народот ве плаќа, стои во дописот.

Од партијата додаваат дека е жална сликата, особено на муслиманскиот дел на гробиштата кој изобилува со смет, ѓубре, нафрлана земја, расфрлани бекатон плочки и тотален хаос.

– Но ништо поразлично не е ни на македонскиот дел, каде освен искршени чешми и расфрлано ѓубре, може да се забележеат и искршени клупи и целосно неискосени предели. Се запрашавме која е причината за неажурноста на вработените, при што стигнавме до информација дека на вработените им се доцни исплатата на плата… за сметка на тоа, директорот на претпријатието си одлучи да си вработува нови лица во административниот оддел, очигледно немајќи ни грам грижа ни совест што постоечките вработени не ја примаат редовно ни заслужената плата. Ако ова претпријатие ја заврши и 2023 година со минусно салдо како и 2022 година, тогаш се поставува прашањето дали и наредната година ќе следи повторно дупло поскапување на цените на услугите со цел директорот да може да ги исполнува партиските барања и да направи уште поголем неред и хаос во претпријатието? – прашуваат од партијата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука