Охрид, 12. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Поради грубо кршење на Деловникот за работа на Советот на Општина Охрид и постапување спротивно на Статутот на општината, советниците од СДСМ и коалицијата ја напуштија седницата, информираат од ОО на СДСМ од Охрид.
– Согласно Статутот, Советот работи на редовни седници. Во зависност од потребите можат да се одржат и свечени и вонредни седници. Денот, времето и местото на одржување на седницата се објавува во локалните средства за јавно информирање најдоцна 7 дена пред одржување на седницата. Во тој рок се доставуваат предлог дневниот ред и материјалите за седницата до советниците. Вонредни седници се одржуваат и во пократок рок за прашања од значење за сигурноста и безбедноста на граѓаните и во случаи на вонредни околности. Советниците известувањето за одржување на седницата го добија во текот на минатиот ден, а ребалансот на Буџетот не претставува нити прашање од значење за сигурноста и безбедноста на граѓаните, нити вонредна околност. Како советничка група секогаш сме на страната на дискусија, разменување на мислења и соочување со факти, но наша основна обврска и должност претставува почитување на Деловникот за работа на Советот и Статутот на општина Охрид, стои во реакцијата. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес