Охрид, 1. јули 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во концертната сала на ОУ „Св. Климент Охридски“ денес напладне ќе се одржи манифестацијата „Охридска визита“, како завршна фаза на проектот на охридскиот Црвен крст, „Симфонија“, во кој се опфатени 35 деца, ученици од VIII одделение во 5 основни училишта во Охрид.
– Целта на проектот е меѓусебна соработка и продлабочена комуникација помеѓу младите од Охрид, припадници на различни етнички групи. Како резултат на активностите спроведени во изминатите два месеци, младите учесници на овој проект предводени од нивните 5 едукатори ја подготвија завршната манифестација „Охридска визита“. Манифестацијата има за цел да го прикаже богатото творештво на локалните автори кои на територија на Охрид твореле на мајчин: македонски, турски и албански јазик. На манифестацијата ќе се промовира и електронскиот готвач составен од 15 традиционални јадења од македонската, албанската и турската кујна, преведени на сите три јазици. Покрај младите учесници, во проектот ќе бидат вклучени и нивните родители кои ќе се погрижат за коктелот од традиционална храна, како дел од културните вредности на секоја етничка група. На крај од манифестацијата младите ќе добијат сертификати за активно учество на проектот „Симфонија“, а исто така ќе бидат врачени и благодарници за петте училишта за несебичната поддршка на истиот. Манифестацијата „Охридска визита“ е од отворен карактер и ги покануваме нашите сограѓани и гости да уживаат во креативноста на младите, информираат организаторите.
Во текот на изминатите два месеци, избраните ученици имаа можност активно да учествуваат на активности подготвени од тимот волонтери на Црвен крст Охрид.
– Најпрво учествуваа на тридневен младински едукативен камп во тренинг центарот во Велестово во период од 4-ти до 6-ти мај оваа година, каде имаа можност меѓусебно да се запознаат, да стекнат основни знаења за Движењето на Црвен крст и Црвена Полумесечина, како и да се запознаат со културата како систем од вредности (препознавање на различностите). Учениците имаа можност да стекнат и практицираат знаења и вештини за комуникација и тимска работа. За време на кампот тимот едукатори реализираа широка лепеза едукативни и забавни работилници, преку кои се овозможи интеракција, учење, дружење и забава на учесниците на кампот. На крајот од кампот младите добија насоки за истражувачките актовности што следеа, односно откривање на локалното творечко богатство во областа на литературата и кулинарството, а резултатите ќе бидат прикажани на креативен и интересен начин на денешната завршна манифестација „Охридска визита“, додаваат од Црвен крст од Охрид. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива