август 3, 2017

Охрид, 3. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – На врвот на својата популарност, еден од најпосакуваните светски Dj-и и продуценти Hardwell синоќа имаше фантастичен настап на стадионот „Билјанини извори“ во Орхид, во рамките на второто по ред издание на „Ohrid Caling“.

Како кулминација на забавата, тој пред илјадната публика го развеа македонското знаме, како честитка за големиот празник Илинден, што предизвика вистинско воодушевување кај публиката.

hardwell3

Високотиражниот хитмејкер со години е во топ 3 најдобри Dj на светската ранг листа, а воедно е и најмладиот на кој тоа му пошло од рака. Директните преноси на спектакуларните настапи во живо со кои Hardwell едно по друго ги освојува најголемите фестивалски бини на планетата, заедно со спотовите и видеоблогот на YouTube, вкупно имаат повеќе од милијарда прегледи.

hardwell2

Станува збор за досега незабележан случај на успех на електронската сцена, но и феномен кој одекна во светската музичка индустрија. Неговите продуцентски вештини ги обезбедија и најголемите глобални ѕвезди како што се: Rihanna, Coldplay, Ellie Goulding, 30 seconds To Mars. Покрај популарните ремикси, најголемиот успех на Hardwell му го донесоа неговите хит синглови: „Spaceman“, „Countdown“, „Jumper“, „Apollo“ и многу други. Минатата година излезе и неговиот деби албум со наслов „United We Are“, од кои произлегоа хитовите: „Arcadia“, „Young Again“ и „Sally“. Во последниве неколку години, Hardwell е официјално најбараниот светски Dj и продуцент.

Robbert van de Corput, како што е неговото вистинско име, уште на возраст од само четири години почнува со часови по клавир, за веќе на 11 години јасно да посака да стане Dj. Со неверојатни само 13 години ја објавува својата прва плоча, а на музиката на овој вундеркинд од холандскиот град Бреда, за време на наредните неколку години танцува публиката во најдобрите клубови во земјата. За време на едно од гостувањата на телевизија кога имал само 16 години, на прашање од водителот, Hardwell одговара дека негов сон е да стане најдобар светски Dj. На светската Dj ранг листа дебитира во 2011 година на 24. место, за само една година подоцна да стигне на 6. место. Кога ќе наполни 25 години неговата тинејџерска желба станува реалност по што две години по ред Hardwell беше и официјално најбараниот светски диџеј и продуцент.

Она што најмногу го издвојува Hardwell како феномен на современата музичка сцена се настапите чии преноси ја достигнуваат повеќемилионската гледаност типична за големите спортски случувања. За време на еден од нив, дури 20% од сообраќајот на Twitter се одвиваше со неговото име како тренд ширум сите делови од планетата, додека на крајот оваа социјална мрежа и привремено се изгасна од оптеретувањето. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/Авалон

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука