февруари 1, 2015

Охрид, 1. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Вчерашниот дожд укажа на неможноста на колекторскиот систем да ја прифати надојдената вода, вели Митко Темелковски, раководител на Регионалниот центар за управување со кризи во Охрид.

– Во колекторот се мешаат фекалните и атмосферските води, што значи дека тој е преоптоварен и не може да си ја заврши својата работа. Затоа е неопходно во Охрид да се изгради посебна атмофсерска мрежа за да не се преоптоварува колекторскиот систем, вели Темелковски.

Во текот на вчерашниот ден и ноќеска, според него, наврнале 61 литри дожд на метар квадратен, а висината на снежната прекривка, на одделни места во регионот достигнала и до 50 сантиметри.

– Реките во моментов се во благо опаѓање и доколку нема нови врнежи во текот на наредните часови, штетите што ги предизвика дождот ќе можат многу брзо да се санираат, објаснува Темелковски.

Изминатата ноќ, како што информира тој, се јавиле и повеќе краткотрајни прекини во системот за електрично напојување, но екипите на ЕВН Македонија веднаш излегле на терен и ги санирале проблемите.

– И локалните јавни претпријатија синоќа и ноќеска беа на терен и ги исполнуваа своите работни обврски. Патната инфраструктура во Охрид беше проодна, вели Темелковски.

Најголемиот дел од пријавите кои пристигнале во Центарот за управување со кризи, според него, се однесувале на поплавени дворови и приземни односно подземни простории. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Аквариус

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука