Скопје/Охрид, 14. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Владините објекти се во многу лоша состојба, меѓу нив се и вилите во Охрид, претседателската и премиерска кои исто така се во многу лоша состојба, изјави во интервју за република директорот на Службата за општи и заеднички работи при Владата на Република Македонија Ивица Томовски.
– Вилите се во многу лоша состојба. Морам да кажам дека сите вили, освен таа во Лазарополе немаат имотен лист. Почнавме постапка за легализација за да можеме да ги легализираме.Тоа се објекти од А категорија и за да се легализираат мора да имаат имотен лист. Вилите во Охрид, претседателската и премиерска се во многу лоша состојба, а таа во Лазарополе е неупотреблива и е пред распаѓање. Ветивме дека сите овие вили ќе ги реновираме и ќе ги ставиме во употреба без разлика дали ќе се користат како владин објект или ќе ги рентаме и ќе наплаќаме закупнина. Како држава мора целиот државен имот да биде репрезентативен, а не каков што сега, рече Томовски.
OhridPress неодамна направи обиколка на објектот и сними соодветен фото и видео материјал од моменталната состојба во која се наоѓа истиот.
Согласно законските можности, побаравме информација од Службата за општи и заеднички работи при Владата на Република Македонија за овој објект во Охрид, но до овој момент информацијата не е доставена. Станува збор за исклучително вреден објект на супер-атрактивна локација, кој подолг период наназад стои празен и е оставен на забот на времето.
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес