Скопје, 3. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во следниот период Министерството за внатрешни работи (МВР) преку кампања ќе ги повикува граѓаните што не ги обновиле возачките дозволи со новото име, да го сторат тоа, зашто старите ќе важат до крајот на годината.
Ова денеска го изјави Панче Тошковски, министерот за внатрешни работи, по посетата на пунктот за промена на личните документи „Пролет“ во Скопје, посочувајќи дека досега околу 750 илјади возачки дозволи се издани согласно одредбите од законот со новото уставно име.
– Потребно да се реиздаде уште одредена бројка, уште околу милион возачки дозволи со новото име. за да ја затвориме целокупната бројка. Апелирам до сите што не ги обновиле возачките дозволи со старото име тоа да го сторат во следниот период, вели тој.
Според него, издавањето на лични документи е вратено во нормала, односно дека секој граѓанин што ќе поднесе барање за нова лична карта, возачка дозвола или патна исправа тоа ќе може да го оствари во законскиот рок од 15 дена.
Одговарајќи на новинарско прашање дали ќе се зголемат капацитетите од спект на машини за изработка доколку во иднина повторно настане случна ситуација како на почетокот на годината, Тошковски рече дека работат на трајно решавање на проблемот.
– За разлика од тие претходно, ние ги решаваме проблемите и гледаме да ја поедноставиме целата постапка, не само во однос на лични документи, туку и во однос на секое право што треба да го стекне македонскиот граѓани во оваа институција, рече Тошковски.
Во иднина, посочи министерот дека ќе се фокусираат на развластување од аспект на дискрециони права, сето она што го говорат за дигитализацијата во рамки на работењето на МВР.
Посочи дека просториите каде се вадат документите во Македонската радио телевизија МРТ ќе се реновираат, па затоа одреден период ќе се користи пунктот „Пролет“. Целта, како што вели, е да се создадат нормални услови за работа на полициските службеници, но и нормални услови каде секој граѓанин ќе може да пристапи. (Крај)
извор: 360 степени фото: архива