News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...
ноември 29, 2024

Скопје, 29. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Осум лица се уапсени и денеска, по насока на јавен обвинител, ќе бидат изведени пред судовите, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во врска со вчерашните инциденти во Скопје, кога при прославата на Денот на албанското знаме, групи млади лица го запалија и го газеа македонското знаме.

Четири од овие лица го сториле делото Предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост по член 319 од Кривичниот законик, за кое е предвидена затворска казна од 1 до 5 години. Сите четворица, рече министерот Тошковски, се млади лица на 19 до 20 години, а едно е малолетно.

– Спроведени се во полициска станица и по итна постапка ќе бидат изведени пред лицето на правдата, пред судот, а потоа судот ќе одлучи. Овие настани се напад врз државата. Имаат имиња и презимиња сите сторители и ќе одговараат. Сакам да упатам порака до сите оние кои се со намера да предизвикаат какво било сценарио за дестабилизација на Македонија: жестоко и сурово ќе одговориме на какви било обиди! Тоа го покажавме и синоќа. Полицијата е зрела и може професионално да одговори на предизвиците, рече Тошковски.

На новинарско прашање зошто полицијата дозволила таков развој и дали имале претходно сознанија дека се планираат слични инциденти на прославата на албанското знаме, министерот Тошковски рече дека полицијата соодветно одговорила и не дозволила да се случат поголеми инциденти.

– Сакам да упатам уште една порака: сите оние кои имаат какви било информации за вчерашните настани, да ги достават до МВР: Без разлика дали се снимки, фотографии, нивни изјави. Ќе одговориме соодветно, за тоа што времето „како и до сега“, „виновен е пајакот“, „виновен е кабелот“, заврши. Сакам да упатам и огромна благодарност до сите полициски службеници кои макотрпно, одговорно и будно ја набљудуваа ситуацијата и соодветно реагираа, рече Тошковски.

Министерот информираше дека лицето што се гледа на едно видео како покрај црвено возило го кине македонското знаме е уапсено.

– Еден е фатен ин флагранти, како се обидува да го запали знамето, а друг го симнува знамето. Благодарност до граѓаните кои на социјалните мрежи споделија снимки, еден настан така го асветливме – рече Тошковски.

Имаме капацитет, додаде тој, и ќе одговориме соодветно на сите предизвици.

– Вакви настани се случувале и претходно. Но, ќе утврдиме кои се индициите и зошто токму сега, нема да оставиме ништо на случајноста. Морам да повикам на разум и на зрелост. Ова се инциденти направени од млади луѓе, кои треба да одговараат, но, не смееме да дозволиме подгревање на меѓуетнички тензии од ниедна националност во Македонија и нема да дозволиме, рече Тошковски.

На новинарско прашање зошто полицијата дозволила таков развој и дали имале претходно сознанија дека се планираат слични инциденти на денот на прославата на албанското знаме, министерот Тошковски повтори дека полицијата соодветно одговорила и не дозволила да се случат поголеми инциденти.

– Морам да потенцирам дека вчера во повеќе градови имаше организирана соодветна прослава од страна на одредени групи, што најавени, што ненајавени, кои за среќа, во голем дел беа културни. Луѓето по настаните си отидоа. Но, она што се случуваше во Скопје, сообено со пукање и со сквернавење на знамињата е недозовливо. Ќе повторам, 8 лица се уапсени, засега 4 лица има пријава за потикнување на национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост. Работиме на разоткривање на голем број други лица кои биле помагачи. За сите кривични настани кои досега сме ги идентификувале и кои допрва ќе ги идентификуваме, против секој за кој ќе се обезбедат соодветни докази ќе се поднесе соодветна кривична пријава, напомена министерот Тошковски.

Тој потенцираше дека не се остварило нечие сценарио за реакција на полицијата.

– Сметам дека полицијата апсолутно одговри соодветно. За среќа мрвти немаше, тешки телесни повреди немаше и не се оствари посакуваното сценарио на некои недобронамерници да ја инволвираат полицијата на начин на кој тие сметаат. Македонската полиција одговори професионално и зрело, а особено ќе одговори денеска и во наредните денови, ќе види јавноста. Ќе бидат поднесени кривични пријави, ќе видите во текот на денот. Мораме сите заедно да покажеме дека сме зрели да одговориме соодветно на сите предизвици, секој од нас е дел од ова општество, истакна министерот Тошковски. (Крај)

извор: ПлусИнфо фото: ПлусИнфо

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука