август 3, 2024

Скопје/Охрид, 3. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Заедно со главниот надзор ГИМ, изведувачот „Синохидро“, подизведувачите „Гранит“ и „Илинден“, професори од градежниот факултет, експерти од Кина и преставници од министерството за транспорт, извршивме увид на косините каде се појавуваат свлечишта долж трасата од автопатот Кичево-Охрид, соопшти директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски.

Тој вели дека изминатиот период одржале неколку состаноци каде ги детектиравме проблемите и по денешниот увид ќе се предвидат решенија за критичните косини.

– Денес директно на терен ги согледуваме и останатите проблеми долж целата траса и потоа започнуваме со изнаоѓање на решенија за истите. Пробиени се околу 95% од трасата. Интензивно се работи на земјани работи (ископ и насип, изработка на клинови кај вијадуктите и пропустите, асфалтирање и др.), 145 пропусти се завршени, остануваат уште 14 пропусти за изведба, од вкупно 37 потпорни ѕидови, 27 потпорни ѕидови се завршени, а на 10 се работи, вкупно 28 вијадукти, на сите се завршени долниот строј и коловозната плоча, има 35 натпатници и потпатници, истакна Трајановски во објавата на неговиот профил на Facebook.

Теренот на автопатот Кичево-Охрид, на потегот до Дебрца е проблематичен, сепак делницата ќе биде завршена до крајот на 2026 година, изјави неодамна и Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

– Објективниот проблем е со состојбата со теренот на трасата кај што не се гледа, а тоа над Кичево до Дебрца и тука тој терен е многу проблематичен. Седнавме со изведувачот и побарав да прават што ќе прават, да најдат решение и да се заврши. И очегледно таа беше формулата бидејќи во рок од десетина дена со интензивни раговори тие се откажаа од арбитражата каде што Македонија потнецијално ќе изгубеше 50 милиони евра, а тоа за земја како Македонија се многу пари. И втора работа е да се решат проблемите со свлечиштата и косините на еден модерен начин, истакна Николоски.

Тој додаде дека решенијата не се сложени и дека ќе се оди со галерија, а не целосно затворање, односно само со покрив или опција со шипови за стабилизација на косините. Николоски уште еднаш потенцираше дека до крајот на 2026 година автопатот ќе биде завршен. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука