Турците и понатаму најбројни туристи во Република Македонија, следуваат Србите и Германците
декември 11, 2024

Охрид, 11. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Бројките покажуваат дека најголем дел од туристите во октомври биле од Турција, од каде што дошле 23.838 посетители, а истиот месец 6.582 српски државјани ја посетиле Република Македонија.

Трета е Германија, од каде што нѐ посетиле 4.686 граѓани, по што следуваат гостите од соседна Грција, од каде дошле 4.624 граѓани. Веднаш зад нив се туристите од Бугарија. Од кај источниот сосед пристигнале 2.768 лица, по што следуваат гостите од Хрватска, од каде дошле 2.368 посетители. Шести се полските туристи со 2.367 посети.

Како што објави Државниот завод за статистика(ДЗС), бројот на туристите во октомври 2024 година изнесува 107.672, од кои 25.8 отсто се домашни туристи, а 74.2 отсто се странски туристи. Бројот на ноќевањата во октомври 2024 година изнесува 211.611, од кои 32.5 отсто се од домашните туристи, а 67.5 отсто од странските туристи.

Во периодот јануари-октомври 2024 година, во однос на истиот период лани, бројот на туристите е зголемен за 8.8 отсто, и тоа: кај домашните туристи има намалување за 1 отсто, а кај странските има зголемување за 14.7 отсто. (Крај)

извор: faktor.mk фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука