Охрид, 5. ноември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во присуство на претставници од УСАИД, членови од Локалната самоуправа – Охрид и стручен надзор од Битола, се направи технички прием на градежните активности што во изминатиов период се реализираа во ОУ „Ванчо Николески“ во Лескоец, Охрид.
Со тоа успешно заврши имплементацијата на проектот за реновирање на училиштето, што беше прифатен, одобрен и поддржан од УСАИД во вредност од 1.200.000 денари. За успешно реализирање на проектот поддршка даде и општина Охрид, со учество во изведувањето градежни работи од страна на локалните јавни претпријатија, во вредност од 300.000 денари, со што целокупната вредност на проектот изнесува 1,5 милиони денари.
Преку овој проект во училиштето во Лескоец целосно се реновираа санитарните јазли за учениците, се реновираа и варосаа ѕидовите и таваните во сите училници, се направи Армстронг таван и се реновираа ѕидовите од големиот хол, се заменаа вратите во сите училници, се направи пристапна рампа за лица со посебни потреби од задниот влез во училиштето, се истружи и исфарба дел од подот во ходниците и целосно се уреди и оплемени училишниот парк, каде се санираа постоечките, а се поставија и нови реквизити. Резултатите се видливи, значително се подобрени условите за престој и настава во училиштето.
Претставниците од УСАИД не го криеја своето задоволство од соработката со училиштето, посветеноста на менаџерскиот тим и тимската работа во текот на целиот период.
– Би сакала да го изразам моето лично задоволство од успешното спроведување на сите предвидени активности од овој проект, но тоа нема да беше возможно без посветеноста и поддршката од мојот тим, персоналот во училиштето, како и поддршката од родителите од Лескоец. Морам да истакнам дека иако проектот се реализираше во овој период од годината, правевме напори и успевавме во тоа да не ја попречуваме наставата, односно часовите и воннаставните активности цело време се реализира според планираното, изјави Елена Ел Нади, директор на училиштето.
Од училиштето напоменуваат дека ќе продолжат да реализираат активности за создавање и подобрување на условите за престој и правилен развој на учениците во училиштето, како и за подобрување на квалитетот на наставата. Денес ова училиште исто така беше домаќин и на претставници од Велика Британија, Португалија, Романија и Турција, во рамки на проект од Еразмус+ програмата, со кои ќе реализира 5 дневна програма на тема „Чиста природа – долг живот“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОУ „Ванчо Николески“