Охрид, 26. ноември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Трет ден нивото на водата во Охридското Езеро е на минимално дозволеното ниво, 693,10 м.н.в. што е пак за 16 сантиметри под просечното ниво за овој месец.
Билјанините извори, една од најпрепознатливите локации во градот под Самуиловата тврдина, над два месеци се без вода.
Од УХМР денес излегоа со информација дека доколку продолжи трендот на намалување на водостојот, ќе биде нарушено нормалното функционирање на целиот биодиверезитет во него, па предупредуваат на внимателно следење на состојбата.
Останува да се надеваме дека најавениот дождлив период ќе придонесе барем малку за подобрување на хидролошката состојба. Инаку, идентична ситуација како сегашната, ни се повторува по една година. Ваков случај имавме и минатиот ноември, кога водостојот „падна“ и на 693,10 м.н.в, а речиси пола декември беше на еден сантиметар под минимално дозволеното ниво.
Во 2017 година езерското ниво се соочуваше со ваква слична состојба на низок водостој, за во 2018 година состојбата да биде дијаметрално спротивна, водостојот на езерото беше драстично повисок од дозволениот максиум (693,75 м.н.в.) кога достигна ниво и од 694,03 м.н.в. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес