Ученици од РЦСОО „Ванчо Питошески“ во посета на Бор, Србија, како дел од проектот „A bridge connecting two lakes“
декември 11, 2024

Охрид, 11. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Дванаесет ученици од РЦСОО „Ванчо Питошески“ од Охрид, предводени од координаторите на проектот, психолог Даница Скрческа и наставник Сања Митаноска, остварија посета на Бор, Република Србија, како дел од проектот „A bridge connecting two lakes“.

Станува збор за еден од 45-те избрани, најдобри проекти, изработен од РЦСОО „Ванчо Питошески“ од Охрид во соработка со Училиштето за економија и трговија од Бор, Република Србија.

– Деновите поминати во Бор беа исполнети со учење, соработка, дружење и пријателство. Првиот ден започнавме со меѓусебно запознавање и работилници за Младински активизам, каде што споделувавме идеи и заеднички креиравме решение за позитивни промени во нашите заедница. Вториот ден беше посветен на гастрономските традиции на нашите краишта, со дегустација на јадења и размена на приказни кои ги придружуваат. Попладневните активности беа обележани со теми на националните малцинства во Бор, нагласувајќи ја важноста на меѓукултурниот дијалог и разбирање. Третиот ден учениците ги истражуваа природните убавини и традиции на руралните области на Бор, а особено беше истакната улогата на туристичките техничари од училиштето од Бор кои ги претставија локалитетите што ги посетивме. Четвртиот ден учениците креираа и спроведоа анкета за меѓукултурен дијалог, анализираа фотографии во рамките на фото-игра и ги споделија своите впечатоци со локалните медиуми. Петтиот ден на дружење меѓу учениците помина во анализа на резултатите од анкетата и се креираа планови за идна соработка преку on-line клуб „Мостови“ @club_bridges, кој беше создаден од учениците пред да се остварат средбите, информираат од РЦСОО „Ванчо Питошески“ од Охрид.

Додаваат дека во знак на трајно сеќавање на ова искуство засадиле дрво на пријателство пред училиштето, а вечерта била резервирана за вежбање на заедничка песна која заедно ја дизајнирале и за меѓусебно и убаво дружење.

Втората размена на учениците ќе се одржи во Охрид од 23-ти до 29-ти март 2025 година. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука