Охрид, 16. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – По директен судир на две возила попладнево, на влезот од Струга, едно возило заврши во водите на Охридското Езеро, а друго го блокираше патниот правец.
Ова е втора сообраќајна несреќа, на само 200 метри на истиот патен правец, јави порталот 4news.mk.
Претходно, тешка сообраќајна незгода се случи нешто по 14:00 часот на стариот пат Охрид-Струга. Според првичните информации, во незгодата учествувале автобус марка МАН со скопски регистерски ознаки и патнички автомобил марка „Опел“ од Охрид. Во незгодата е причинета поголема материјална штета.
Струга е домаќин на Преспа форумот за дијалог, чии безбедносни мерки сериозно го отежнаа сообраќајот во Струга, а вчера објавивме и за големи колони кај „Езерски лозја“.
Од неодамна, поради реконструкција на патниот правец Подмоље-Охрид, сообраќајот се одвива по стариот пат Охрид-Струга, што предизвика големи реакции во јавноста, пред се’ поради безбедноста на овој патен правец. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: 4news.mk